Нетанјаху: Израел е подготвен за екстремно важна акција на север против Либан

– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес упати остро предупредување до либанската група Хезболах, нагласувајќи дека израелската армија е подготвена за „исклучително моќна акција“ против Либан.

Нетанјаху ја даде изјавата за време на посетата на северната населба Кирјат Шмона, која беше сведок на напади од групата Хезболах во текот на последните денови.

„Подготвени сме за исклучително моќна акција на северот против Либан“, напиша Нетанјаху на својот профил на X заедно со видеопораката направена за време на неговата турнеја на север во близина на границите со Либан.

Нетанјаху се состана и со командата на израелската армиска Бригада 769 за да разговара за оперативната ситуација по должината на либанско-израелската граница.

Во меѓувреме, израелското армиско радио соопшти дека израелската Влада одобрила повикување на уште 50.000 резервисти во подготовка за можна ескалација на либанскиот фронт.

Радиото, исто така, објави дека Владата дозволила да го зголеми бројот на активни резервисти од 300.000 на 350.000 како подготовка за можни борби на север со Либан.

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви, вчера изјави дека Израел е блиску до донесување одлука во врска со секојдневните напади на Хезболах врз Северен Израел, нагласувајќи ја подготвеноста на армијата за таква одлука.

Тензиите по должината на границата меѓу Либан и Израел се зголемија во услови на наизменична размена на оган меѓу израелските сили и Хезболах, во најсмртоносните судири откако двете страни водеа целосна војна во 2006 година.

Пограничната тензија доаѓа во време на израелската воена офанзива во Појасот Газа во која загинаа над 36.500 луѓе по големиот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година.