– Спротивно на изразените желби на Соединетите Американски Држави (САД), израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека ќе ги исклучи палестинските власти од управувањето со Појасот Газа во повоениот период, објавија денес израелските медиуми.
Според израелскиот јавен сервис КАН, Нетанјаху неодамна им кажал на САД дека „нема да има палестинска власт во Газа по војната“. Нетанјаху веќе отфрлил какво било владеење на палестинската група на отпорот Хамас, која управуваше со Газа од 2007 година. Во тој период, палестинскиот Западен Брег беше под контрола на палестинските власти.
КАН објави дека Нетанјаху на затворен состанок на неговата Ликуд партија изјавил дека се противи Појасот Газа да биде под контрола на палестинските власти по војната и за тоа го информирал Вашингтон.
„Нема воопшти да има палестинска управа во Газа“, нагласил Нетанјаху.
САД и палестинските власти допрва треба да излезат со коментар за изјавите на Нетанјаху.
Изјавите на Нетанјаху се во спротивност со објавениот став на САД, кои неколкупати нагласуваа дека мора да има палестинска власт или влада во Газа во повоениот период.
Палестинските власти исто така соопштија дека се подготвени да се вратат во Газа во рамки на сеопфатен политички план кој вклучува единство меѓу Западниот Брег, Газа и окупираниот Источен Кудс (Ерусалим).
Израел ја продолжи својата воена офанзива врз Појасот Газа на 1 декември по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза во борбите со палестинската група на отпорот, Хамас.
Најмалку 15.899 Палестинци загинаа, а над 42.000 се повредени во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври, по прекуграничниот напад на Хамас.