– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го извести американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Израел ќе воспостави тампон зона во рамките на Газа, објавија израелски извори.
Израелскиот јавен емитер КАН цитираше израелски функционер кој рекол дека Нетанјаху на Блинкен му рекол дека израелската војска ќе воспостави „тампон зона во рамките на Газа“.
Во веста што ја објави КАН се наведува дека Нетанјаху му рекол на Блинкен дека Израел ќе ја задржи безбедносната контрола над Газа во повоениот период, и дека тоа прашање има консензус меѓу членовите на израелскиот воен кабинет.
Се додава дека САД и арапските земји го отфрлиле секој израелски план за намалување на просторот на палестинските територии во Газа.
Израелската војска на 1-ви декември (петок) продолжи со интензивни напади низ Појасот Газа по завршувањето на хуманитарната пауза. Според податоците на Министерството за здравство на Газа, истиот ден се убиени 178 Палестинци, а 589 се ранети.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.