– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху планира да се заложи за анексија на окупираниот Западен Брег кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата, објавија денес израелските медиуми.
Израелскиот јавен сервис КАН објави дека во разговорите зад затворени врати Нетанјаху рекол дека ќе ја врати анексијата на Западниот Брег на агендата на неговата Влада кога Трамп ќе ја преземе функцијата.
Екстремно десничарскиот министер за финансии на Израел, Безалел Смотрич, вчера изјави дека му наредил на израелскиот Оддел за населување и цивилна администрација да иницира основање инфраструктура за „спроведување на суверенитетот“ на Западниот Брег.
„Бевме на раб на примена на суверенитет над населбите во Јудеја и Самарија (Западниот Брег) пред администрацијата на Бајден. Сега е време да се дејствува“, изјави Смотрич.
Во 2020 година Нетанјаху планираше да ги „анектира“ илегалните еврејски населби на Западниот Брег и долината на Јордан, врз основа на таканаречениот мировен план за Блискиот Исток што го објави Трамп во јануари таа година.
Териториите што Нетанјаху планираше да ги припои во тоа време сочинуваат околу 30 отсто од Западниот Брег. Неговиот план, сепак, не беше почнат поради меѓународниот притисок и немањето одобрение од официјален Вашингтон.
Меѓународното право ги смета и Западен Брег и Источен Ал-Кудс/Ерусалим за „окупирани територии“ и за нелегални сите активности за изградба на еврејски населби таму.
Тензиите се зголемуваат низ окупираниот Западен Брег поради бруталната офанзива на Израел врз Појасот Газа, во која загинаа повеќе од 43.600 Палестинци, главно жени и деца, од 7 октомври 2023 година.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека оттогаш се убиени најмалку 780 Палестинци, а речиси 6.300 се ранети во оган на израелската армија на окупираниот Западен Брег.
Ескалацијата следуваше по значајното мислење на Меѓународниот суд на правдата во јули оваа година, кој ја прогласи за „нелегална“ повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел.