Славниот бразилски фудбалер Нејмар го раскина договорот со Саудиска Ал-Хилал година и пол откако дојде од ПСЖ во трансфер вреден 90 милиони евра.
Триесет и двегодишниот Нејмар на име плата доби 200 милиони евра од Саудијците, но тоа што го покажа на теренот сигурно не ги оправда тие пари.
Имено, за време на престојот во Ал-Хилал, Нејмар поради чести повреди пропушти 70 од можни 77 натпревари.
Околу полноќ Ал-Хилал објави дека спогодбено е раскинат договорот со Нејмар, а веќе е познат и клубот во кој ќе ја продолжи кариерата, а тоа ќе биде бразилскиот Сантос каде ја започна кариерата.
Иако се очекуваше дека ќе оди во МЛС лигата, поточно во Интер Мајами или Чикаго Фајр, Сантос беше најконкретен и навивачите на бразилскиот клуб повторно ќе имаат можност да го гледаат фудбалерот кој им донесе шест трофеи со 136 гола на 225 натпревари во периодот од 2009 до 2013 година.