Кина вчера изјави дека обвинувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Пекинг го прекршил договорот постигнат за време на трговските разговори меѓу двете земји во Женева минатиот месец се неосновани, најавувајќи дека ќе преземе мерки за заштита на своите интереси.
Министерството за трговија на Кина одговори на забелешките на Трамп во петокот дека Кина го прекршила билатералниот договор за елиминирање на царините, објави Ројтерс.
Министерството вели дека Кина го имплементирала и активно го поддржала договорот постигнат минатиот месец во Женева, додека САД вовеле по„дискриминаторски рестриктивни“ мерки против Кина, вклучувајќи ограничувања за чипови и суспензија на визите за кинеските студенти.
Се нагласува дека САД еднострано и постојано ги влошуваат трговските односи со Кина.
Кина не прецизираше какви одмазднички мерки би можела да примени кон САД.
Пекинг и Вашингтон се согласија кон средината на мај во Женева да ја паузираат примената на меѓусебните тарифи од над 100 проценти во период од 90 дена.
Во петокот, Трамп најави двојно зголемување на увозните тарифи за челик и алуминиум на 50 проценти.
Кина е најголемиот производител и извозник на челик во светот и испорачува мали количини во САД откако воведе царини од 25 проценти во 2018 година. Кина е трет најголем снабдувач на алуминиум во САД.