Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, во разговор со претседателот на САД, Џо Бајден, порача дека Израел мора да започне копнена офанзива во Појасот Газа.
„Мораме да влеземе внатре. Сега не можеме да преговараме“, рекол Бенјамин Нетанјаху, а денес ова беше објавено на американските медиуми.
Израелски и американски извори запознаени со ситуацијата велат дека Бенјамин Нетанјаху сакал офанзивата да биде метод на одвраќање.
Тој, наводно, рекол дека еврејската држава немала друг избор освен да одговори со сила за да не изгледа слаба.
Истите извори велат дека Џо Бајден не се обидел да го притисне Бенјамин Нетанјаху или да го убеди да не оди со овој план. Тој, исто така, го покренал прашањето за израелските заложници во Појасот Газа и го прашал Бенјамин Нетанјаху за можноста Израел да отвори втор фронт долж границата со Либан.
Во саботата, на 7. октомври, Израел беше подложен на невиден ракетен напад од Појасот Газа. Израелската Армија соопшти дека Хамас истрелал повеќе од 3.000 ракети и дека голем број палестински милитанти се инфилтрирале во пограничната област во јужен Израел.
Израел потоа испрати војници на јужните територии и почна со воздушни напади врз позициите на Хамас во Појасот Газа.
Војната во Израел влезе во третиот ден. Во нападот на палестинските терористи врз Израел, најмалку 700 граѓани беа брутално убиени, 2.300 се хоспитализирани, а од нив 350 се во тешка состојба, а најмалку 150 израелски државјани се киднапирани и најверојатно се во Појасот Газа, во рацете на Хамас.