Се разгорува политичката предизборна реторика: „уживател на психотропни супстанции, кафански озборувач, хациенди на Водно, лепач на плакати“, се само дел од меѓусебните обвинувања кои си ги разменија носителите на листи во четвртата изборна единица Александар Николовски и Венко Филипче. Се надминува политичкиот и културен бон тон во меѓусебните напади, а Венко Филипче најави и тужба за изнесените клевети од страна на Николовски:
-Политичката култура на Александар Николоски падна на најниско ниво, но не сум изненаден од речникот. Сепак, морам да признаам дека не очекував Николоски да прерасне во кафански озборувач. Ваквото озборување упатува на целосно отсуство на идеи и концепт во оваа кампања, па Николовски со навреди се обидува да добие политички поени. Исто така, загрижувачки е што Николовски изјави дека работел од свои 14 години сакајќи да го оправда фактот што нема ниту ден стаж во реален сектор. На 14 години можеби единствено што можел да работи е лепење плакати.
Што се однесува до сите лаги пласирани за наводна моја хациенда на Водно за која ДКСК има одамна одлука дека не ја поседувам, ќе добие соодветна тужба. Тужба ќе добие и за другите клевети кои ги изрече.