Дејвид Арахамија, претседател на партијата Слуга на народот во која членува претседателот на Украина, Володимир Зеленски, откри дека Русија понудила да ја прекине инвазијата на Украина во пролетта 2022 година, доколку земјата се откаже од своите аспирации за членство во НАТО.
Newsweek наведува дека Дејвид Арахамија бил на чело на делегацијата од Киев на тогашните преговори со руската страна.
Се вели дека Дејвид Арахамија го открил пропаѓањето на наводниот договор со Русија во интервјуто што го даде за украинската новинарка Наталија Мосејчук минатиот петок.
Според Дејвид Арахамија, чие интервју го пренесоа странските медиуми на англиски јазик, имало нацрт мировен договор на самиот почеток на 21-месечната војна.
Тој изјавил дека, според тој нацрт, Русија се обврзала да ја прекине борбата доколку Украина се согласи да остане неутрална земја и да се откаже од обидот да се приклучи на НАТО.
„Тие навистина до последен момент се надеваа дека ќе не притиснат да потпишеме таков договор и со тоа да прифатиме неутралност. Тоа им беше најважно“, открил Дејвид Арахамија.
Дејвид Арахамија рекол дека за такво нешто ќе биде неопходно да се промени Уставот, бидејќи украинскиот парламент во февруари 2019 година го усвои уставниот амандман во кој се наведува дека целта на земјата е да стане членка и на НАТО и на Европската унија.
Дејвид Арахамија изјавил и дека украинските власти не верувале дека Русија ќе се држи до пишаното од договорот.
„Немавме и немаме доверба во Русите дека ќе го направат тоа. Тоа може да се направи само ако има безбедносни гаранции“, рекол сопартиецот на Володимир Зеленски.
Во вториот дел од интервјуто, Дејвид Арахамија рекол и дека поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон во април 2022 година ненадејно го посетил Киев.
Тој открива дека Борис Џонсон ја охрабрил Украина „да не потпишува ништо“ и „само да се бори“.