Тренерот на фудбалскиот клуб Лил, Португалецот Пауло Фонсека, тесно поврзан со Украина, ги повика фудбалските клубови да не продаваат играчи на руски клубови, па дури и да не преговараат со нив, бидејќи – „парите што се нудат за фудбалерите се извалкани од крвта на децата кои умираат секој ден во Украина“.
„Минатата недела прочитав дека Бенфика и мојата Брага размислуваат да продаваат играчи на руски клубови. Не сакам да верувам, се одбивам да не верувам“, напиша Пауло Фонсека на социјалните мрежи.
Поранешниот тренер на Брага, Пауло Фонсека помина три сезони на клупата на Шахтјор Доњецк (2017-2019), кога ја запозна својата сопруга Катерина, Украинка. Тие мораа да избегаат од Украина на почетокот на руската инвазија, во февруари 2022 година.
„Русија секој ден продолжува да убива луѓе, особено невини деца… можеби некој од нив гледа фудбалски натпревар дома… Ако Бенфика и мојата Брага се договорат со руските клубови, тоа ќе бидат крвави пари“, пишува Португалецот во објавата на социјалните мрежи.
Според него, клубовите треба да се угледаат на италијанскиот Сасуоло.
„Пред две недели рускиот клуб се обиде да го купи Рожерио, дефанзивецот на Сасуоло. Италијанскиот клуб ги одби преговорите и кажа дека од етички причини поврзани со војната нема да го сторат тоа. Апелирам до Бенфика и мојата Брага да го следат примерот на италијанскиот клуб“, порача Пауло Фонсека.