Во најнеопходната сезона на одгледување на овците, пред и по нивното прво и второ објагнување, или во период од шест месеци кој традиционално трае од Митровден на 8 ноември, до Ѓурговден на 6 мај не можат да најдат овчари, објави порталот „Сакам да кажам“.
„За овој период едвај обезбедивме овчари кои ќе се ангажираат, иако им нудевме плата месечно по 1.500 евра па дури и до 2.000 евра или вкупно за шест месеци од 9.000 до 12.000 евра.
Повеќе млади овчари по една или две недели ја напуштаа работата, па така бевме принудени и за повеќе пари да бараме чувари и одгледувачи на нашите стада“, велат штипски сточари.
„Имаше и такви потенцијални овчари од радовишките и од штипските села во Плачковичкиот Регион кои одбиваа и 2.000 евра месечна плата, со изговор дека во нивните места каде основна гранка е тутунарството оваа година имале многу погодности и бенефиции, па така тутунарството повеќе им се исплатело отколку да бидат овчари“, велат сточари од селото Криви Дол кај Штип.