Невремето и обилните врнежи вчера предизвикаа хаос и голема материјална штета во Словачка, соопштија словачките власти. Окружната болница мораше да биде затворена поради поплавата, поплавени се бројни патишта, а во прекин беше и железничкиот сообраќај.
Дрва паднаа врз куќи, а уништени се и игралишта, објави телевизијата ТА3. На некои места за само неколку часа падна дожд колку целиот претходен месец. Метеоролошката служба ќ предупреди дека доаѓа ново невреме со обилни врнежи.
По првото силно невреме, градоначалникот на Нитра на југозападниот дел на земјата прогласи „вонредна состојба“, пониско ниво од вонредната состојба во средата навечер.
„Штетите на јавниот и приватниот имот се многу големи“, изјави тој за агенцијата ТАСР. „Но, барем можам да кажам дека досега нема жртви и цврсто верувам дека така ќе остане.”
Пожарникарите најавија дека канализацијата во Нитра не може да се справи со големото количество дожд. Поради ова поплавени се улици, подруми и пониски делови од згради во градот и околните населени места. На југ, поплавата парализираше болница во градот Нове Замки, на околу 100 километри од Братислава. Пристапот до посетители и нови пациенти е забранет и сите операции се откажани.