Рускиот амбасадор во Велика Британија Андреј Келин изјави дека Русија утре може да постигне мир и дека должината на конфликтот во Украина зависи од напорите за ескалација на војната што ги преземаат земјите на НАТО, особено Британија.
Тој нагласи дека порано или подоцна оваа ескалација може да добие нова димензија која на Русија не и треба и не ја сака.
Во интервју за Би-Би-Си, тој предупреди на нова димензија на војната.
Инсистирајќи дека Русија сè уште не почнала да дејствува многу сериозно, рускиот амбасадор во Велика Британија рече дека Русија е 16 пати поголема од Украина и има огромни ресурси.
Келин ги даде коментарите откако еден од највисоките безбедносни функционери на Украина, Алексеј Данилов, изјави за Би-Би-Си дека земјата е подготвена да започне долгоочекувана контраофанзива против руските сили.
Како што јави ТАСС, Келин во интервју изјавил дека Русија е подготвена за мировни преговори, но дека нема да се откаже од своите услови.
– Сакаме мир, но под одредени услови секако. Две работи ни се важни. Дека нема закана од Украина за Русија – тоа е една работа. И второ, дека Русите во Украина треба да бидат третирани како сите други народи во светот. Како што се третираат Французите во Белгија или како што ги третираат Италијанците и Германците во Швајцарија, не поинаку – рече Келин, опишувајќи ги настаните во Украина во последните години како екстремен национализам.
Според него, сегашната воена цел на Русија е да го ослободи Донбас од окупацијата.
Тој ја отфрли идејата дека Украина може да победи како „голема идеалистичка грешка“.
– Можеме да постигнеме мир утре, ако украинската страна е подготвена да преговара, но во моментов нема предуслови за тоа, се плашам, бидејќи претседателот на Украина забрани какви било преговори – рече рускиот дипломат и додаде дека тој не верува дека едноставното замрзнување на конфликтот е добра идеја.
Тоа нема да биде платформа за стабилен и долгорочен мир во Европа, посочи Келин.
Тој повтори дека руската нуклеарна доктрина не предвидува употреба на нуклеарно оружје во конфликтот со Украина.
Сепак, Келин рече дека е загрижен поради континуираната ескалација на конфликтот, бидејќи испораката на оружје за Киев во моментов се зголемува.