Нивото на штетните ПМ 10 честички неколку пати над дозволеното во повеќе градови во земјава

Алармантно високо нивото на загаденост на воздухот во Македонија беше измерено синоќа околу 22 часот. Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваа високо ниво на опасните ПМ 10 честички во повеќе градови меѓу кои и главниот град Скопје.

Беа измерени 238 микрограми на метар кубен што пак е неколку пати над дозволената граница согласно препораките на Светската здравствена организација. Најзагадено беше Кичево каде беа измерени над 378 микрограми на метар кубен.

Со високо аерозагадување синоќа беше и Охрид каде беа измерени околу 277 микрограми. Од другите градови со високо загадување се издвоија и Гостивар каде беа измерени 175 микрограми на м3 и Тетово 147.

Министерството за животна средина и просторно планирање синоќа информираше дека во Струмица на сила ќе бидат посебни мерки за заштита на здравјето на луѓето бидејќи според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на два последователни дена надминат е прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри.