Низа обележувања по повод Денот на народното востание – 11 октомври

Денеска се чествуваат 83 години од Народното востание на македонскиот народ. На 11 Октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против непријателот и со тоа почнува борбата за ослободување на македонскиот народ.

Тоа е важен темел во борбата за самобитност и самостојност. Продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, во Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување.

По тој повод делегации од Владата, законодавниот дом, Кабинетот на претседателката, градоначалници, политички партии, здруженија и дипломатскиот кор ќе положат цвеќе на спомен-обележјата на ослободителите во Скопје, Прилеп и во Куманово.

На свечената академија по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, ќе се обрати претседателката Гордана Сиљановска Давкова, што под нејзино покровителство ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност со почеток во 13 часот.