Стотици граѓани вчера се собраа пред канцеларијата на британскиот премиер на Даунинг стрит во Лондон, барајќи Велика Британија што поскоро да ја признае Палестина како независна држава.
Освен палестински знамиња, граѓаните носеа и бројни тенџериња и тави со пораката „Што чекате?“ и „Слободна Газа сега“. На овој начин, граѓаните сакаа да укажат на зголемениот глад и хуманитарната катастрофа со која се соочуваат жителите на Појасот Газа.
Во меѓувреме, британската влада доби писмо од повеќе од 200 парламентарци кои бараат што е можно поскоро да се започне постапката за признавање на Палестина како независна држава.
Околу 221 пратеник од целиот политички спектар потпишаа отворено писмо во петокот со кое ја повикуваат лабуристичката влада на Стармер да ја признае палестинската држава пред конференцијата на Обединетите нации за Палестина следната недела.
„Очекуваме дека исходот од конференцијата ќе биде за Владата на Велика Британија да дефинира кога и како ќе дејствува во согласност со својата долгогодишна посветеност на решението за две држави; како и како ќе соработува со меѓународните партнери за да се оствари ова“, се наведува во писмото.
Меѓу потписниците се пратеници од девет политички партии, изјави пратеничката од Лабуристичката партија Сара Чемпион, вклучувајќи ги Лабуристите, Конзервативците, Либералните демократи, Шкотската национална партија и Зелените.
Малку претходно, се огласи и британскиот премиер Кир Стармер, кој рече дека сцените од Газа не можат да се толерираат.
„Продолженото заробеништво на заложници, гладувањето и негирањето на хуманитарна помош за палестинскиот народ, растечкото насилство од страна на екстремистичките доселенички групи и непропорционалната ескалација на израелската војска во Газа се неоправдани“, рече тој.