Има голем интерес од авиокомпании кои се заинтересирани да воведат нови дестинации од домашните аеродроми согласно јавниот повик што го објавивме, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето на тв Алфа.
Тој најави дека по завршување на јавниот повик на почетокот на месец Октомври, ќе се изберат најдобрите компании кои ќе понудат нови атрактивни дестинации, а со тоа директно ќе се влијае врз зголемување и подобрување на авиосообраќајот во земјава.
„Има голем интерес и ќе ги избереме најдобрите. Тоа што ќе потврдам е дека новите дестинации ќе се воведат со летниот ред на летање бидејќи авиокомпаниите ги планираат летовите една година однапред. Го избравме овој начин бидејќи сакаме да донесеме нови патници во земјава, а не граѓаните да си одат од земјава. Избравме финансиска поддршка, како еден од приоритетите на Владата бидејќи после короната имаме континуиран пад на бројот на патници и ова е начин како авиосообраќајот да го подобриме и да овозможиме прифатливи услови за патување”- истакна министерот Николоски.
Тој додаде дека значително се зголемува цената за финансиска поддршка и тоа од Скопје од претходните 7 евра се зголемуваат на 9 евра по патник, а од Охрид од претходните 4,5 евра се зголемуваат на 12 евра по патник, што е услов за зголемување на турзимот во охридско-струшкиот регион, додаде министерот Николоски.