Николоски: До 2029 година ќе имаме комплетен автопат од граница до граница на Коридорот 8

Нашата амбиција е да имаме автопатска врска и експресен пат на Коридорот 8 најдоцна до 2029 година, од граница до граница или од граничниот премин Ќафасан до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Тој во синоќешното гостување на „Јади бурек” детално го елаборираше планот на Владата и Министерството за транспорт во однос на транспортните коридори.

Како што рече, Охрид – Кичево до крај на следната година ќе се заврши со крак до Струга, а Требеништа – Ќафасан не може да се работи поради забрана од УНЕСКО.

-Со ЕБОР ја работиме спојката Кичево – Букојчани од 11 километри. Таму очекувам во понеделник да излезе барањето за доставување финансиски понуди и рокот е до 10 октомври да стигнат понудите, а рокот на завршување е три години. Букојчани – Гостивар или популарната Стража, веќе многу интензивно ја работи „Бехтел“ со тоа што таму спасивме 250 милиони евра на државата. Гостива – Тетово го почнавме, тој реално се завршува брзо, но има многу население од двете страни и не сакаме да го закочиме сообраќајот, туку ќе оди паралелно со Букојчани – Гостивар. Значи, за три години отсега и тој би требало да се заврши. Тетово – Скопје има автопат, Скопје – Обиколница – Куманово има автопат, за експресен пат Куманово – Страцин сега бараме пари од ЕУ, а Страцин – Крива Паланка го пуштивме во јануари годинава, истакна Николоски.

Информира и дека во моментов се работи на целосна реконструкција на граничниот премин Деве Баир со Бугарија.