Николоски: Работиме на велосипедска инфраструктура во општините

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, денес изјави дека Владата на Северна Македонија, преку Министерството за транспорт, спроведува низа мерки за подобрување на инфраструктурата во општините, со што се зголемува безбедноста во сообраќајот и се подобрува квалитетот на животот. Во меѓувреме, креираме и нови прописи за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во општините.

„Министерството за транспорт се приклучува на најголемата европска кампања за подигање на свеста за одржлив транспорт и подобрување на квалитетот на животот во градовите, со што ја потврдуваме нашата посветеност да се движиме во иста насока како и најдобрите европски практики. Националната транспортна стратегија за периодот 2018-2030 година предвидува мерка за поддршка на најголемите градови во развојот на планови за одржлива урбана мобилност. Поддршката вклучува развој на планови за одржлива урбана мобилност за Кавадарци и Прилеп, Кочани, Струмица и Струга, во согласност со упатствата за развој и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност на ЕУ“, нагласи Николоски.

Тој нагласи дека Министерството придава особено значење на унапредувањето на стандардите за велосипедска инфраструктура со цел зголемување на безбедноста во велосипедскиот сообраќај.

„Во Законот за државни патишта, обезбедивме основа за донесување на Правилникот за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура, додека во соработка со граѓанскиот сектор подготвивме нацрт-Уредба која ќе биде одобрена во наредниот период. Со ова сакаме да испратиме порака дека велосипедот како симбол на одржлива мобилност е рамноправно средство за транспорт, а не само средство за рекреација. Со поддршка од државата и со визијата на општините, можеме да изградиме градови кои се поодржливи, побезбедни и подобри места за живеење“, рече Николоски.