Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека значително подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје може да се постигне со имплементација на три клучни проекти, како што се поставување на градски воз, нови автобуси и поставување на трамвај.
Николоски рече дека владата работи во оваа насока.
„За помалата верзија на проектот за градски воз работиме со сопствени ресурси, додека поголемата верзија ќе биде дел од таканаречениот „британски проект“. Значи, дел од брзата железница ќе биде и големиот градски воз за Скопје. Што се однесува до вториот проект, замената на автобусите, ексклузивно го кажувам тоа – објавен е повик за набавка на 120 еколошки автобуси, од кои 80 ќе бидат за Скопје. И третото нешто што дефинитивно му е потребно на Скопје е трамвај.“
„Ако ги постигнеме овие три работи, мислам дека поголемиот дел од загадувањето од возилата ќе се намали. Вториот извор на загадување има врска со греењето – за ова, премиерот веќе најави поамбициозна агенда, со која ќе се обидеме да го донесеме централното греење до поголемиот дел од домаќинствата“, нагласи Николоски на Канал 5.