Македонија го имаше ексклузивитетот да има посебна билатерална агенда во рамки на Самитот на Берлинскиот процес што се одржа во Лондон. Покрај тет-а-тет средбите со премиерот Стармер, билатералните средби со министрите во Владата, имавме чест да бидеме примени од страна на кралот Чарлс, а честа за Македонија е уште поголема, бидејќи имаше и двајца уметници од државата кои исто така беа примени од кралот, вели вицепрeмиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
Во гостувањето на Радио Лидер, Николоски напомена дека ова ги подигнува односите меѓу двете држави на уште повисоко ниво.
– Имавме големa чест покрај сите држави кои учествуваа на Берлинскиот процес, да имаме дводневна засилена билатерална агенда. Остваривме средба со министерот за економија и трговија со чиј ресор го потпишавме Договорот Влада со Влада. Тој е искусен министер, дел е од кралското семејство има и кралска титула, инаку беше министер за европски прашања на Велика Британија која Македонија требаше прв пат да ги почне преговорите. Потоа имавме средби со УКЕФ, со Министерството за финаниси, а клучната средба ја имаше премиерот Мицкоски со премиерот Стармер, имаше два разговора со него, една тет-а-тет средба и втора неформална средба. Понатаму, имавме средба со министерката за надворешни работи и најзначајното, премиерот Мицкоски и јас да добиеме покани од Кралот Чарлс. Не се случува тоа често во историјата на оваа држава. Прв пат македонски премиер е поканет на прием во официјалната резиденција на Монархот на Велика Британија. Тоа беше голема чест, пред се за премиерот Мицкоски и лично за мене. Она што ми е драго имаше неколку уметници од Блаканот, од тројца уметници, двајца беа од Македонија и тоа беа самостојни покани и тие не беа во делегацијата на Владата, истакна вицепремиерот Николоски.
Тоа, според него, е нешто што останува во историјата и што ја носи Македонија на повисоко ниво во билатералните односи со Велика Британија.
-Тоа е нешто што останува за историја и ја носи Македонија на едно ниво со оваа мудра и конструктивна политика која ја води оваа Влада и ова е продолжение на она што го почнавме во мај месец, средбите со премиерот Стармер и Договорот што го потпишавме Влада со Влада за стратешко партнерско и тоа ја носи Македонија во една друга димензија и тоа е нешто што граѓаните ќе го видат бенефитот во годините што следат, рече Николоски.