Она што јас го знам веќе таму е при крај работата, размислуваат за една или друга варијанта во смисла дали политичката партија Алтернатива ќе остане во влада или не, и до петок веќе треба да излезат со формална поделба на министерства. Ова не се прави за никакви уставни измени или уставно мнозинство, затоа што сите знаат дека уставно мнозинство од 80 пратеници нема, затоа што ВМРО-ДПМНЕ не поддржува и нема да поддржи во овој парламентарен состав уставни измени.
Во овој парламентарен состав се прават овие работи само заради проста математика заради лична корист на Арбен Таравари и екипата околу него и заради ситно партиски интереси. Тоа се одлуки кои што тие си ги носат. Но, како ќе се одрази на нивната политичка партија самите ќе видат, но она кое што е суштински дека забораваат дека смислата на демократијата е кога се натпреварувате на избори, да има власт и опозиција, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното интервју во „Тема на денот“ во Централниот дневник на ТВ Сител одговарајќи на прашањето дали смета дека со влез на Алијанса на Албанците во владата може да се случат уставните измени.
Николоски не гледа која е логиката за влез на Алијанса на Албанците, ниту пак гледа зошто било кој Албанец би гласал за нив кога седнуваат и преговараат со ДУИ кој е нивен главен политички опонент.
Која е логиката за постоење на Алијанса на Албанците ако влегува во иста влада со ДУИ која до вчера ја напаѓаа како главен политички опонент и зошто било кој Албанец да гласа за Алијанса на Албанците кога нивната политичката партија ги предава и седнува на иста маса со оние против кои што формално се борат, рече тој.
Николоски потенцира дека дури и да има договор за влез на Алијанса на Албанците во владата, сепак има големо незадоволство во парламентарното мнозинство кои сериозно размислуваат дека треба да се оди на предвремени парламентарни избори и да се провери легитимитетот на политичките партии во државата.
Сметам дека дури и да има договор со Алијансата на Албанците, шансата за предвремени избори е огромна, затоа што постои сериозна бројка на пратеници од постојното владино мнозинство составено од СДСМ, ДУИ и Алтернатива кои што не се согласуваат со владините политики и сериозно размислуваат дека треба да се оди на избори на кои што треба да се провери легитимитетот на сите политички партии во Македонија, изјави Николоски.