Оставка во Македонија од мене може да побара премиерот или може да побараат тие што ме избрале, а тоа е народот. Недозволиво е странска држава да бара оставка да си поднесе подпретседател на влада и министер. Тоа никаде го нема, тоа е директно мешање во внатрешните односи на една држава, тоа е директен упад во внатрешни односи на една држава, рече потпретседателот на влада и на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, Александар Николоски во гостувањето на Сител.
Изјавата на Ноколоски доаѓа по барањето на негова оставка од страна на бугарски политичари. Според него, тоа што го направи Бојко Борисов само покажува што всушност тие сакаат, а тоа е да ги водат политичките процеси во Македонија и да диктираат.
Тој посочи дека од оваа перспектива не е за чудење една информација којашто излегла пред неколку години кога се случи фамозниот Француски предлог, да сакаат обвинителите во Македонија да ги бираат.
-Така што јасна ни е интенцијата, прво сакаат да се мешаат во внатрешните работи и второ, кој е кредибилитетот на човекот што тоа го бара од мене. Јас го кажав тоа, човек кој што беше сликан со прачки злато и стотици илјади евра до него да зборува за моја оставка, извинете не е достоен за таа работа – рече Николоски.
Николоски истакна дека во Бугарија има една екипа од дваесетина личности коишто се обидуваат да ги расипат пријателските односи меѓу Македонија и Бугарија и меѓу блиските македонски и бугарски народ.
-Таа екипа од дваесет политичари и историчари успеа да уништат добри односи помеѓу двата народи, македонскиот и бугарскиот народ се блиски народи и имаат добри односи. Дваесет политичари и историчари од Бугари успеваат да ги уништат тие односи и тие односи да се на рекордно ниско ниво заради овој пристап кој што го имаатм- истакна Николоски.