Продолжуваме да ги градиме нашите односи со пријателите на уште повисоко ниво. Работиме со посветеност на реформските процеси, ја водиме земјата во вистинската насока на просперитет, а процесите се силно поддржани од нашите партнери, Владата на Унгарија, изјави утрово вицепремиерот Александар Николоски на средба со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Министерот Сијарто е во работна посета на Македонија, каде што денес во име на Владата на Унгарија го потпиша Договорот за стратешка соработка меѓу владите на Македонија и Унгарија.
Поздравувајќи го потпишувањето на овој стратешки документ, вицепремиерот Николоски нагласи дека соработката меѓу двете земји се издига на повисоко ниво и ќе донесе многу придобивки за Македонија преку реализација на нови инфраструктурни проекти.
Во контекст на Договорот, а во согласност со развојните политики на земјата, Николоски го истакна планот за економски развој на земјата, со посебен акцент на развојот и модернизацијата на транспортните коридори.
„Овој стратешки договор со Унгарија е многу важен во време на големи политички и економски предизвици за Македонија. Партнерството носи само придобивки, а соработката со Унгарија никогаш не била на повисоко ниво. Договорот ќе ни донесе и нови инфраструктурни проекти и верувам дека ќе ја продлабочиме оваа соработка што ја имаме со Унгарија во наредниот период“, изјави Николоски по средбата.