Некогаш исклучително почитуван и еден од највлијателните, а по инвазијата на Кремљ врз Украина, најомразените дипломати во светот, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, доживеа вистинско понижување за време на неговиот престој во Индија, каде што се одржува состанокот на земјите од Г-20.
Имено, при споменувањето на војната во Украина на конференцијата, тој тврдеше дека Москва не е агресорот, велејќи: „Војната, која се обидуваме да ја запреме, беше започната против нас преку Украина“. По тие зборови публиката почна гласно да се смее.
Во непријатна ситуација, Лавров застана накратко додека публиката се смееше на неговата изјава, а потоа продолжи, пишува Sky News.
Инаку, Raisina Dialogue е конференција на која се разговара за геополитички и геоекономски прашања, исто така е една од ретките големи меѓународни конференции на кои сè уште се поканети руски претставници и собира публика со различни ставови за бројни прашања.
Сепак, додека тој се соочуваше со потсмев за неговите коментари за војната во Украина, тој беше поздравен кога кажа дека има „двојни стандарди“ во прашањата што му беа поставени за таа војна во споредба со воените интервенции на САД во изминатите децении.
„Деновиве, рускиот министер за надворешни работи Лавров обично не се приближува до непријателска толпа. Сепак тој ја потцени оваа индиска публика“, искоментира на социјалната мрежа Твитер,Оливер Керол, новинар во престижниот Economist.