Екстремната суша која во изминатите три месеци владее во земјава, придонесе водостојот на реките секојдневно да опаѓа што се рефлектира врз големиот помор на крупни примероци речна пастрмка во Треска, со што е направена голема штета на биодиверзитетот на оваа некогаш полноводна и бистра река.
Поморот на рибите го потврдија и повеќе спортски риболовци, кои истакнуваат дека поради сушата и недоволното присуство на кислород во водата, се случува да угинат поголем број крупни примероци на речна пастрмка.
– Штетата од екстремната суша која е присутна во земјава во изминатите неколку месеци е непроценлива за рибниот фонд на река Треска и нејзините притоки. Во контекст на оваа загуба е и поморот на речна пастрмка која поради недоволните количества на кислород во водата, почесто умираат што е од непроценлива важност за биодиверзитетот во реките. Ние сме лично сведоци на она што ѝ се случува на реката Треска, во која во изминатите неколку месеци, кога поради нискиот водостој предизвика голем помор на крупни примероци на речна пастрмка. Штета што е од непроценлива важност на самите водотеци, бидејќи се работи за матици кои потоа служат за мрест на рибата и зголемување на нејзиниот број во реката. И претходните години бевме сведоци на помор на пастрмката во река Треска, но тогаш поморот беше далеку помал од она што се случи летово, кога температурите во еден период од триесетина дена беа екстремно високи, а водостојот на бистроводната река никогаш понизок – вели Зоран Трајаноски, ветеран риболовец од Кичево.
Сличен е заклучокот и на Тони Петрески, кој е редовно присутен крај коритото на река Треска, кој е разочаран од она што се случи летово со поморот на крупни примероци речна пастрмка.
– Сме биле сведоци на помор на речна пастрмка во реката Треска, но она што се случи летово ги надмина сите претходни години кога на поголемиот дел од река Треска можеше да се забележат крупни, мртви, примероци на речна пастрмка како пливаат на површината на реката и кои беа тешки по три килограми и повеќе. Проблемот лежи во нискиот водостој на реката што предизвикува недоволно присуство на кислород во реката што е главна причина за високата смртност на крупните примероци на речна пастрмка – додаде Петрески.
Покрај нискиот водостој на Треска, главниот колектор на водите во кичевско е преполн со ѓубре и секаков вид отпад, како и градежен шут што го има во речното корито во големи количини.