Ниското ниво на овој витамин може да го зголеми ризикот од деменција

Неодамнешното истражување на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско сугерира дека моментално прифатените „нормални“ нивоа на витамин Б12 можеби не се доволни за да се спречи деменција. Студијата е спроведена на 231 здраво повозрасно лице, на просечна возраст од 71 година, без знаци на деменција или благо когнитивно оштетување.

Иако учесниците имаа просечно ниво на Б12 од 414,8 pmol/L, многу над препорачаниот минимум од 148 pmol/L, оние со пониски нивоа покажаа побавна брзина на когнитивната и визуелната обработка и повеќе лезии на белата маса во мозокот, што може да биде показател за когнитивно опаѓање, деменција или мозочен удар.

Водечкиот автор на студијата, Др. Ари Џ. Грин, истакна дека претходните студии можеби не ги препознале суптилните ефекти на различните нивоа на Б12 врз когнитивната функција. „Ако го промениме начинот на кој го дефинираме недостатокот на витамин Б12 и земеме предвид како тој навистина влијае на мозокот, би можеле порано да ги идентификуваме проблемите и да спречиме губење на меморијата“, изјави тој за New York Post.

Коавторката на студијата, Александра Бодри-Ричард, додаде дека ниските нивоа на Б12 може да имаат поголемо влијание врз когнитивните способности отколку што се мислеше претходно и дека проблемот може да влијае на поголем дел од популацијата отколку што моментално се препознава.

„Високите дози на витамин Б12 генерално не се штетни, но прекумерното внесување може да предизвика несакани ефекти“

Неврохирург и експерт за долговечност, Др. Брет Озборн, истакна дека резултатите ја поддржуваат тезата дека моментално прифатените „нормални“ нивоа на витамин Б12 се недоволни за оптимална заштита на мозокот.

„Дури и учесниците со нормални нивоа на Б12 покажаа знаци на невролошко оштетување – од побавно когнитивно процесирање до зголемена бела материја при скеновите со МРИ“, рече д-р. Озборн, нагласувајќи дека сегашните препораки не се дизајнирани за оптимално здравје, туку се засноваат на просечни нивоа во популација која сè повеќе станува метаболички помалку здрава.

Неврологот Др. Ернест Ли Мареј се согласи дека истражувањето го покренува прашањето за редефинирање на нивоата што се сметаат за недостаток на витамин Б12, но предупреди на можните негативни последици од прекумерната суплементација.

„Високите дози на витамин Б12 генерално не се штетни, но прекумерното внесување може да предизвика несакани ефекти“, рече Мареј, додавајќи дека постарите пациенти и оние со ризик за когнитивно опаѓање треба да разговараат со својот лекар за тестирање не само на нивните нивоа Б12, туку и на други маркери за апсорпција на витаминот.