Во вторникот српскиот претседател Александар Вучиќ ја обвини косовската влада дека не сака да формира заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово, а високиот претставник на ЕУ за надворешна политика вели дека двете страни имаат сосема спротивни ставови за ова.
„Јасно е дека Приштина не сака да ја исполни обврската од пред десет години. Денеска стигнавме до ѕид, за нив тоа е неприфатливо и велат дека не сакаат нова Република Српска“, изјави Вучиќ по состанокот со косовскиот премиер Албин Курти, кој е одржан како дел од дијалогот за нормализација на односите.
На средбата на двете страни им беше претставен првиот нацрт на статутот на заедницата на општините со српско мнозинство во северно Косово, а кој договорот беше потпишан уште во 2013 година. Тој нацрт го подготви тим составен од Срби од Косово.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, по состанокот рече дека претставувањето на првиот нацрт на статутот е „важен, симболичен чекор“ на патот кон формирање заедница на српски општини.
На средбата се разговараше за спроведување на договорите договорени на крајот на февруари во Брисел и кон средината на март во Охрид. Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, на 27 февруари по средбата меѓу Вучиќ и Курти соопшти дека двете страни го прифатиле договорот за патот кон нормализација на односите. Следеше нова средба на 18 март во Охрид, каде според Борел е прифатен анексот на тој договор кој го претставува планот за имплементација на основниот договор. Но, ниту договорот, ниту анексот не се потпишани и двете страни различно го толкуваат.
Српската страна дава приоритет на формирање на заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово, што беше предвидено со договорот постигнат уште во 2013 година, додека Косово се обидува да ја спречи таа заедница да има извршни овластувања, нагласувајќи дека тие не сакаат нешто како Република Српска во Боснаи Херцеговина на нивна територија.
„Тоа е договорено пред десет години. Управувачкиот тим составен од косовски Срби денеска им го претстави првиот нацрт на двете страни. Тоа не е конечен нацрт, туку почетна точка“, рече Борел.
Борел рече дека косовскиот премиер ги искажал своите ставови во однос на заштитата на правата на српската заедница на Косово и очекувано, ставовите на двете страни се сосема различни во однос на самата природа на таа заедница.
„Но, дури и да не се согласуваат, тие се согласија да започнат преговори за иднината на таа заедница на српски општини во блиска иднина, земајќи го овој прв нацрт како почетна точка. Ги повикувам двете страни да се вклучат во овој процес конструктивно и со добра волја и да бидат подготвени за компромиси“, рече Борел.
Тој додаде дека оваа заедница треба да се формира по моделот на бројни успешни примери во Европа, „каде што имаме различни заедници на општини, може да се најде модел во секоја земја“.
На средбата се разговараше и за актуелната ситуација на терен, која е многу тензична, особено по изборите во општините со српско мнозинство, а кои беа бојкотирани од косовските Срби.
„Многу сме загрижени и јасно е, имајќи го предвид екстремно слабиот одѕив на гласачите, дека овие избори не нудат долгорочно политичко решение, напротив, постои можност што може да доведе до ескалација и до поткопување на спроведувањето на Охридскиот договор“, рече Борел.
Затоа, тој ги повика двете страни да најдат решение косовските Срби да се вратат во косовските институции што ги напуштија во ноември минатата година.
„Двајцата лидери ја признаа сериозноста на ситуацијата на теренот, но за жал денеска не можеа да се договорат“, вели Борел.