Ништо од легализацијата на канабисот во Европа! Сè промени една мистериозна средба во Брисел…

Канабисот е најпопуларната недозволена дрога во Европа. Според статистичките податоци, околу 28 отсто од Европејците го консумирале растението во текот на нивниот живот. Французите се на врвот, со речиси 45 отсто од населението. Во Германија, на пример, поддршката за легализација се зголеми од 30 отсто во 2014 година на 61 отсто минатата година.

Сепак, плановите на Германија да премине кон целосна легализација беа ненадејно прекинати минатиот месец. Германскиот министер за здравство до неодамна беше оптимист за легализацијата. Но, по разговорите со Европската комисија, планот одеднаш испари. Без германско охрабрување, европските реформи по ова прашање изгледаат неверојатни во блиска иднина.

На никого не му е јасно зошто Германците ги напуштија своите планови, вели Дориен Рукмејкер, холандска членка на Европскиот парламент која е вклучена во меѓупартиската група на Европскиот парламент за легализација на канабисот за лична употреба. Но, Мартин Јелсма од Транснационалниот институт со седиште во Холандија, смета дека причината е што предлозите не се во согласност со рамковната одлука на Советот на ЕУ за дроги од 2004 година, ниту со трите релевантни договори на ОН.

Германија сега планира втора фаза која би вклучувала пилот проекти каде би се дозволила локална продажба. Деталите за овој план се уште не се објавени. Дали навистина ќе се случи ? Можеби. Се чини дека Германија ќе ја следи Чешка, земја која исто така е ентузијастичка за можната либерализација на нејзините закони за канабис.

Правниот статус на овој пилот план е, сепак, многу несигурен. Гореспоменатиот Мартин Јелсма вели дека би било корисно доколку EK даде некакви индикации за својот став по ова прашање. На прв поглед планот навистина ги крши законите на Европската унија. Но, бидејќи тие се временски ограничени, EK можеби нема да сака да покрене прекршочна постапка.

Пресвртот во германската политика за канабис е исто така тежок удар за целосната европска легализација на канабисот. Еден фактор може да биде тоа што никој нема апетит за таква регулаторна либерализација во моментов, со војната во Украина и високата инфлација со која Европејците се борат секојдневно.

ГерманијаЕвропска комисијаЕвропска унијаканабис