Ненадејната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Гренланд го налути американскиот претседател Доналд Трамп и доведе до негово предвремено заминување од самитот на Г7, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Според весникот, потегот на Макрон бил протолкуван во Вашингтон како намерна дипломатска провокација, во време кога односите меѓу САД и одредени западни сојузници се веќе затегнати, пишува „Фајненшл тајмс“ .
Заминувањето на претседателот Трамп пред официјалниот крај на самитот ги вознемири другите учесници , а во дипломатските кругови постоеше страв дека тој би можел да повтори слично однесување на претстојниот самит на НАТО во Хаг, планиран за крајот на јуни.
– Доколку Трамп одеднаш ја напушти таа средба, тоа ќе биде вистински подарок за Москва и би можело сериозно да го поткопа единството на Алијансата – рече еден од соговорниците на британскиот весник.
Според „Фајненшл тајмс“, Вашингтон бил особено вознемирен од фактот што Макрон одлучил да го посети Гренланд поради шпекулациите за американските амбиции да ја преземат контролата врз тој стратешки остров.
Трамп не се откажал од идејата САД да го анектираат Гренланд – или со купување или со сила, потврдуваат извори блиски до Белата куќа.
Посетата на Макрон на територијата под данска администрација додаде масло на огнот, а аналитичарите проценуваат дека овој дипломатски инцидент би можел да има долгорочни последици за трансатлантските односи.