Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ вечерва во Мајами ја брка 100-тата титула во кариерата.
Ѓоковиќ (5. АТП) во вечерашното финале на Мастерсот во Мајами ќе игра против Јакуб Меншик (54. АТП).
Новак е голем фаворит против деветнаесетгодишниот Чех, кој не крие дека Србинот му е идол, а Ѓоковиќ вечерва конечно би можел да дојде до трицифрен број на титули.
Ѓоковиќ ја освои својата 99-та титула во август на Олимпијадата во Париз, а од тогаш поминаа 238 дена. Во тој период Ѓоковиќ беше блиску до својот јубилеј, но во финалето на Мастерсот во Шангај на 13 октомври беше поразен од Јаник Синер.
Доколку триумфира вечерва, Ѓоковиќ ќе стане само третиот тенисер со трицифрен број на титули и би им се придружил на Џими Конорс (109) и Роџер Федерер (103).
Натпреварот помеѓу Ѓоковиќ и Меншик започнува вечерва од 21 часот со директен телевизиски пренос на Спорт Клуб 1.