Новата габична инфекција Candida auris претставува глобална закана за јавното здравје и може да предизвика сериозни инфекции на крвта, рани и респираторни инфекции.
Опасната и ретка инфекција првпат беше идентификувана во САД во државата Њујорк во 2016 година, а истражувачките лаборатории подоцна открија дека габата била присутна во земјата најмалку од 2013 година.
Стапката на смртност се проценува на 30 до 60 проценти, а особен ризик се луѓето кои веќе имаат сериозни здравствени проблеми.
Минатата година, најмногу случаи беа откриени во Невада и Калифорнија, но габичната инфекција беше идентификувана кај пациенти во 29 држави.
Една теорија зад ненадејната експлозија на оваа габична инфекција ги обвинува климатските промени.
Луѓето и другите цицачи имаат поголема телесна температура отколку што можат да толерираат повеќето габични инфекции, така што тие историски биле заштитени од повеќето инфекции.
Сепак, зголемувањето на температурите може да им овозможи на габите да развијат толеранција кон потоплите средини, што на крајот може да предизвика луѓето да изгубат отпор.
Некои истражувачи веруваат дека тоа веќе се случува со инфекција со Candida auris.
Раст на бројот на случаи
Патогенот се појави спонтано пред 14 години на три континенти, и тоа во државите Венецуела, Индија и Јужна Африка.
Експертот за габични заболувања Артуро Касадевал, микробиолог, имунолог и професор на Универзитетот Џон Хопкинс, рече дека ова е збунувачки бидејќи климата на овие места е сосема различна.
„Имаме огромна заштита од габи поради температурата на нашето тело. Меѓутоа, ако светот стане потопол и габите почнат да се прилагодуваат на повисоките температури, некои ќе го достигнат она што јас го нарекувам температурна бариера“, рече Касадевал.
Имаше 2.377 потврдени клинички случаи во САД минатата година, што претставува зголемување од над 1.200 проценти од 2017 година, но Candida auris станува глобален проблем.
Во Европа, минатогодишното истражување покажа дека бројот на случаи речиси се удвоил помеѓу 2020 и 2021 година.
Експертите забележуваат дека иако скринингот и контролата на инфекции се подобрени, вртоглавиот број на случаи одразува вистинско зголемување.
„Кошмарно сценарио“
Луис Остроски, професор на Медицинскиот факултет во UTHealth Хјустон, мисли дека Candida auris е „еден вид на кошмарно сценарио“.
„Таа е потенцијално отпорна на повеќе лекови и има способност многу ефикасно да се шири во здравствените установи. Никогаш не сме имале ваков патоген кога станува збор за габични инфекции“, рече тој.
Можно е габата отсекогаш да била меѓу микроорганизмите кои живеат во човечкото тело, но бидејќи не предизвикувала инфекција, никој не ја истражувал се додека неодамна не почнала да води до здравствени проблеми.
Експертите предупредуваат дека оваа габа претставува сериозна закана за здравјето на луѓето, како и дека најзагрозени се пациентите со намален имунитет во болниците и луѓето во домовите за стари лица.
Candida auris не само што е предизвик за лекување, туку и тешко е да се дијагностицира, а многу лекари не се свесни ни дека постои.