Повеќе од 100 контејнерски бродови се пренасочени на рутата околу јужна Африка за да се избегне Суецкиот Kанал. Тоа е последниот знак за сериозно нарушување на глобалната трговија, предизвикано од нападите на бунтовниците Хути врз бродови на западниот брег на Јемен. Поморската компанија Kuehne and Nagel објави дека идентификувала 103 бродови кои веќе го смениле правецот, а се очекува уште повеќе да го обиколуваат јужноафриканскиот ‘рт „Добра надеж“ наместо пократок пат низ Суецкиот Канал.
Пренасочувањето додава околу 6.000 наутички милји на типичното патување од Азија до Европа и патувањето може да потрае три до четири недели подолго. Тоа подразбира зголемување на цените на транспортот, кои на крајот ќе ги платат потрошувачите. Бунтовниците Хути, кои се на страната на Иран, велат дека ги нападнале бродовите како одговор на израелското бомбардирање на Појасот Газа.
Да потсетиме дека Израел одговори на бруталниот напад на Хамас, исламистичката организација која го контролира Појасот Газа, со воздушни напади и копнена инвазија. САД во вторникот објавија дека ќе предводат поморска коалиција за заштита на пловидбата во Суецкиот Канал. Секоја година, околу 19.000 бродови минуваат низ Суецкиот Канал, што го прави еден од клучните светски рути, особено за фосилни горива и стоки кои се движат од Азија кон Европа, што значи дека последиците најмногу ќе ги почувствува Европската унија. Бродовите кои досега пренасочуваа имаа капацитет да превезуваат контејнери од шест метри, соопштија од компанијата Kuehne and Nagel.
Танкерите со нафта и гас исто така се пренасочени, а British Petroleum (BP) е најголемата компанија што јавно го кажа тоа. Нејзиниот конкурент Shell одби да коментира.
„Се предвидува продолженото време на пловидба да апсорбира 20 проценти од капацитетот на глобалната флота, што ќе доведе до потенцијални одложувања во достапноста на ресурсите за испорака. Покрај тоа, доцнењата во враќањето на празна опрема во Азија веројатно ќе претставуваат предизвици, што дополнително ќе влијае на целокупната сигурност на синџирите на снабдување“, соопштија од компанијата Kuehne and Nagel.
Компании ширум светот, вклучително и неколку големи производители на автомобили, ја следат ситуацијата за да утврдат дали тоа би можело да влијае на нивните синџири на снабдување. Последното големо неочекувано затворање на Суецкиот Канал се случи во март 2021 година, кога контејнерскиот брод „Ever Given“ го блокираше преминот шест дена.
Најновиот прекин нема да влијае на малопродажната индустрија овој Божиќ бидејќи залихите се трупаат со недели или дури месеци однапред, што значи дека производите се веќе во продавници или магацини низ Европа. Продолженото нарушување на нормалните модели на испорака на крајот може да доведе до недостиг на производи за потрошувачите или делови за производителите, иако малкумина досега пријавиле какви било негативни ефекти. Периодот на прекин се совпадна со периодот кога многу фабрики беа привремено затворени за Божиќ, давајќи им на компаниите дополнително време да ги обезбедат клучните залихи.
Некои производители веќе преминаа од синџирите на снабдување кои се потпираа на брзото пристигнување на стоки на помалку ефикасен, но поотпорен модел „за секој случај“, со поголем залихи на делови кои се критични за производството.