Шишето со потпис Coca-Cola (Кока-Кола), заедно со други дизајнерски шишиња за виски или парфеми, би можело да биде принудено да го напушти европскиот пазар според новите нацрт-правила на Европската унија за промовирање на пакување за повеќекратна употреба за да се намали отпадот од пакување во Европа.
Овој закон беше изгласан на 24. октомври во Комитетот за животна средина на Европскиот парламент, што е прв чекор во постапката пред парламентот да го усвои нацртот во ноември, објавија европските медиуми.
Планот е законот да се финализира навреме пред европските избори во јуни.
Медиумите посочуваат дека со примената на овој закон, постои ризик од повреда на заштитата на правата на интелектуална сопственост кога станува збор за посебни пакувања како што се брендирани шишиња за пијалоци.
„Ризикот е дека пакуваните производи ќе почнат да изгледаат исто. Креативниот дизајн и иконските форми постепено ќе исчезнат, а комерцијалната вредност ќе се потроши бидејќи брендовите повеќе не можат да се издвојуваат едни од други на полиците“, велат од трговската асоцијација што ги застапува стаклените производители FEVE.
Барањата за дизајнот на пакувањето се утврдени во директивата за отпад од пакување, која бара тежината и волуменот на пакувањето да се сведат на минимум.
Претставништвото на Coca-Cola (Кока-Кола) за ЕУ во Брисел досега одби да го коментира нацртот на новиот закон, велејќи дека ги истражува импликациите за нејзините производи.