Шишето со потпис Кока-Кола, заедно со други дизајнерски шишиња за виски или парфеми, би можело да биде принудено да го напушти европскиот пазар според новите нацрт-правила на ЕУ за промовирање на пакување за повеќекратна употреба за да се намали отпадот од пакување во Европа.
Тој закон беше изгласан на 24 октомври во Комитетот за животна средина на Европскиот парламент, што е прв чекор во постапката пред парламентот да го усвои нацртот во ноември, објави Еурактив.
Планот е законот да се финализира навреме пред јунските европски избори.
Од „Еурактив“ посочуваат дека со примената на овој закон, постои ризик од повреда на заштитата на правата на интелектуална сопственост кога станува збор за посебни пакувања како што се брендирани шишиња за пијалоци.
„Ризикот е дека пакуваните производи ќе почнат да изгледаат исто. Креативниот дизајн и иконите форми постепено ќе исчезнат, а комерцијалната вредност ќе се потроши бидејќи брендовите повеќе не можат да се издвојуваат едни од други на полиците“, велат од трговската асоцијација што го застапува стаклото.
Барањата за дизајнот на пакувањето се утврдени во директивата за отпад од пакување, која бара тежината и волуменот на пакувањето да се сведат на минимум.
Претставништвото на Кока-Кола за ЕУ во Брисел досега одбиваше да го коментира нацртот на новиот закон, велејќи дека ги истражува импликациите за нејзините производи.