Американската Армија објави дека уште еден проектил истрелан од јеменските бунтовници Хути бил пресретнат во јужниот дел на Црвеното Море.
Бунтовниците во неделата околу 16:45 часот по локално време истрелале против-бродска крстосувачка ракета врз разурнувачот на американската морнарица USS Laboon, соопшти регионалната команда на американската Армија во раните утрински часови на социјалната мрежа Х (Твитер).
Ракетата била пресретната од американските воздушни сили во близина на јеменскиот крајбрежен град Ал Худајда. Нема извештаи за жртви или материјална штета.
Од избувнувањето на војната во Појасот Газа меѓу Израел и исламистичката милитантна група Хамас, Хутите поддржани од Иран постојано напаѓаат бродови во Црвеното Море.
Големите бродски компании се повеќе ја избегнуваат оваа рута. САД и Велика Британија неодамна ги нападнаа позициите на групата во Јемен, со поддршка од Холандија, Канада, Австралија и Бахреин.
Претходно во неделата, првиот човек на либанското движење Хезболах, поддржано од Иран, Хасан Насрала, порача дека неодамнешните напади на САД врз јеменските Хути ќе му наштетат на глобалното поморство во Црвеното Море.
„Неодамнешната агресија врз Јемен претставува американско-британска глупост и американска недоследност“, порача Хасан Насрала во телевизиско обраќање и додаде: „Во исто време кога Американците повикуваат војната да не се шири, тие ја прошируваат. Она што Американците го направија во Црвеното Море ќе му наштети на меѓународниот бродски транспорт како целина“.
Од избувнувањето на војната во Појасот Газа на 7. октомври, бунтовниците Хути, кои контролираат големи делови од Јемен, постојано го напаѓаа Израел со беспилотни летала и проектили.
Неодамна, тие често напаѓаа бродови во Црвеното Море – еден од најважните морски патишта за светската трговија што води до Суецкиот канал. Хасан Насрала вели дека Хутите ќе продолжат да ги гаѓаат израелските бродови или оние што се упатуваат кон израелските пристаништа.