Првите напади на Украина врз Ленинградската област за време на војната ги загрозуваат објектите преку кои Русија добива значителен дел од своите петродолари.
Успешниот напад на нафтените терминали во Балтичкото Море би можел да го запре извозот од милион и пол барели дневно.
Во неделата, украински беспилотни летала го нападнаа Уст Луга, најголемото балтичко пристаниште во Русија, кое се наоѓа на околу 1.000 километри од границата. Како последица на две експлозии се запали терминалот на компанијата Новатек која работи со гасен кондензат. Работата на терминалот, кој исто така ја снабдува руската војска со гориво, моментално е во мирување, изјави за Блумберг неименуван функционер.
Ленинградската област има и два главни терминали за извоз на нафта. Едниот се наоѓа во Уст Луга, а другиот во Приморско на спротивниот брег на Финскиот залив. Веднаш до терминалот „Новатек“ во Уст Луга има лежишта за товарење нафта во танкери, а малку подалеку се магацини за нафта и нафтени деривати.
Повеќе од 75 отсто од нафтата на Урал се испраќа во странство од Уст Луга и Приморск. Според Блумберг, танкерите носеле по еден и пол милион барели секој ден, или повеќе од 40 отсто од суровата нафта што Русија ја извезувала по морски пат помеѓу јануари и ноември 2023 година.
Во декември цената на Урал падна на нешто под 60 долари за барел, па вредноста на нафтата извезена од балтичките пристаништа изнесуваше околу 90 милиони долари дневно.
– Редовните напади или удари со тешки беспилотни летала може да ја нарушат работата на балтичките пристаништа и да доведат до намалување на обемот на извозот – изјави експертот за нафтената и гасната индустрија Сергеј Вакуленко.
Во меѓувреме, украински беспилотни летала извршија уште два напади во регионот на Ленинград минатата недела врз нафтените магацини на Роснефт.
Вакуленко наведува дека Русија практично нема алтернативни начини за извоз на такви количини нафта во странство.
– Урал се извезува од западните пристаништа, но Новоросијск може да се справи со само околу 300.000 дополнителни барели дневно – истакнува Виктор Катона, кој е водечки нафтен аналитичар во Кплер.
Во исто време, Новоросијск е многу поблиску до Украина, која може да ја нападне не само со воздух, туку и со морски дронови.
Вакуленко додава дека извозните терминали на Баренцовото Море имаат ограничен капацитет и дека нафтата може да се испорачува само со железница, додека транспортните патишта кон Кина и до Далечниот Исток се целосно блокирани и по нив е невозможно да се испрати дополнителна нафта.
– Запирањето на извозот од балтичките пристаништа би претставувало „голем шок“ за нафтениот пазар – смета Виктор Курилов, висок аналитичар на пазарот на нафта во Ристад Енерџи.
Пазарот реагираше на нападот со дрон во Уст-Луга.
Не само што цената на нафтата „брент“ порасна за повеќе од 1 отсто во понеделникот, туку и премијата меѓу најблиската и следната фјучерс порасна на 0,45 долари за барел, што е највисока од ноември. Тоа покажува дека учесниците на пазарот се загрижени за можни нарушувања на снабдувањето во блиска иднина.