Нова терапија за пациентите со Паркинсонова болест- надеж за подобар живот

Пред нешто повеќе од една година, истражувачите во Лунд за прв пат вградија седум милиони мозочни клетки израснати во лабораторија кај шведски пациент со Паркинсонова болест.

Студијата има за цел да види дали е можно да се заменат изгубените допамински клетки со здрави клетки израснати од матични клетки. Истражувачите се надеваат дека ќе создадат биолошки лек кој ќе ги успори ефектите на Паркинсоновата болест.

Досега пет испитаници биле подложени на хируршка процедура во која биле користени лабораториски израснати клетки.

Томас Матсон беше првиот во светот кој го тестираше методот со нови клетки пред 15 месеци. Откако се разбудил од 13-часовната процедура, веднаш не се чувствувал добро. Првите неколку недели биле многу тешки. Томас боледувал од психоза, а не е познато дали тоа е ефект од долготрајната анестезија или има врска со прилагодувањето на неговиот мозок на новите мозочни клетки.

Денес, пак, повеќе не се чувствува како да „шета во сируп“ и неговите движења се сосема поинакви. Операцијата му овозможи да спортува и повторно да препознава мириси.

Третманот вклучува изложување на матичните клетки од оплодените јајце клетки со фактори на раст и сигнализирање да станат незрели допамински клетки.

Клетките потоа се имплантираат во област од 4 мм во центарот на мозокот на пациентот, најблиску до мозочното стебло. По неколку месеци, тие почнуваат да испраќаат нервни влакна и да произведуваат допамин.

Следните тројца пациенти ќе добијат двојна доза, со по 14 милиони мозочни клетки. Постои теоретски ризик од формирање на тумор и ризик од производство на премногу допамин во мозокот.

Сепак, Гесин Пол Визе, виш лекар и водечки истражувач, верува дека овој ризик е исклучително мал.

Ако сѐ биде добро со првите осум пациенти, истражувачкиот тим ќе продолжи со поголеми студии во соработка со фармацевтска компанија.

Тие се надеваат дека култивираните клетки ќе бидат достапни како лек ширум светот за седум до 10 години, а Томас Матсон вели дека е „110 отсто“ сигурен дека истражувачкиот тим ќе успее.