Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го назначи началникот на Генералштабот Валериј Герасимов за командант на воената кампања во Украина, последен во серијата обиди за зголемување на ефикасноста на руските операции. Герасимов и претходно беше познат на Запад по т.н Доктрината на Герасимов – надворешно-политички збир на мислења и принципи што го редефинира современиот руски концепт за меѓудржавен конфликт и го става војувањето на исто ниво со политички, економски, информативни, хуманитарни и други невоени активности. Донесуваме повеќе за оваа доктрина за хибридно војување, чии тези целосно се совпаѓаат со акциите на Русија кон Украина.
Шојгу го назначи Герасимов за командант на здружените сили на „специјалните воени операции“ во Украина, откако претходно го смени од таа функција Сергеј Суровикин, познат по прекарот „Генерал Армагедон“ по неговата наводна немилосрдност, кој сега ќе му биде заменик на Герасимов. Армискиот генерал Герасимов, кој го има вториот највисок чин во руската армија по маршалот, е вклучен во планирањето на руската инвазија на Украина од самиот почеток.
Западни разузнавачки извори тврдат дека одлуката за инвазија на Украина ја донел рускиот претседател Владимир Путин и мала група воени јастреби околу него, меѓу кои Герасимов, Шојгу и советникот на Путин за национална безбедност Николај Петрушев. Во исто време, тврдат истите извори, во плановите во голема мера била вклучена и доктрината на Герасимов, за која се верува дека е реинтерпретација на добро познатиот концепт на неконвенционално војување, кој во современата руска воена терминологија се нарекува „нелинеарно“. Во оваа рамка, главната цел на „нелинеарното војување“ е да се постигнат стратешки и геополитички резултати користејќи широка алатка на невоени методи и средства, како што се експлицитна и прикриена дипломатија, економски притисоци и стекнување симпатии на локалното население.
Премиера на визијата на Руската академија за воени науки
Герасимов ја претстави својата визија за иднината на војувањето во 2013 година на Академијата за воени науки на Руската Федерација во еден вид извештај наречен „Основни трендови во развојот, формите и методите на употреба на вооружените сили – актуелни задачи на воената наука за нивно подобрување“, што се заснова на претходно објавената статија на Герасимов со наслов „Вредноста на науката е во прогнозирањето – Новите предизвици бараат ново преиспитување на формите и методите на водење борбени операции“. Статијата беше објавена и од официјалното списание на Армијата на САД, Military Review, и оттогаш беше повторно објавена и цитирана многу пати.
Новиот шеф на воените операции во Украина, во тој напис објавен во Воено-индустрискиот весник, истакнува дека „пораснала улогата на невоените средства во остварувањето на политичките и стратешките цели и дека во некои случаи нивната ефикасност значително ја надмина силата на оружјето“, и дека „војните повеќе не се објавуваат, а кога ќе започнат, тие не го следат моделот што претходно се очекуваше“. Тој додава дека во 21 век постои тенденција за замаглување на разликите меѓу состојбите на војна и мир, а исто така признава дека во современиот свет употребата на фронтални напади од страна на големите воени единици е застарена и дека денес употребата на асиметрични или хибридните форми на војување имаат предност.
Според Герасимов, асиметричните акции влегуваат во широка употреба, што овозможува да се поништат предностите на непријателот во вооружен конфликт. Меѓу таквите акции е употребата на силите за специјални операции и „внатрешната опозиција за создавање постојано оперативен фронт на целата територија на непријателската држава, како и употребата на неформални акции, уреди и средства кои постојано се усовршуваат“.
Веќе користени методи
Доктрината, меѓу другото, повикува на сооднос 4:1 помеѓу невоените и воените дејствија. Герасимов ја нагласува важноста на контролата на информативниот простор и координацијата во реално време на сите аспекти на кампањата, со употреба на целни напади длабоко во непријателска територија и уништување на критична цивилна и воена инфраструктура. Исто така, сугерира редовните трупи да бидат облечени во „маската на мировници или сили за управување со кризи“.
Дополнително, авторот на доктрината внимателно ги анализира воените мерки на стратешко одвраќање, стратешко распоредување, мировни операции, создавање коалиции и сојузи, политички и дипломатски притисоци, прекини на дипломатските односи, економски санкции и блокади, формирање и дејствување на политичка опозиција, потчинување на економијата на противникот, изнаоѓање начини за решавање на конфликтите, промена на политичкото раководство на земјата соочена со Русија и спроведување на низа мерки за намалување на тензиите во односите по смената на политичкото раководство. Ова се методи кои Русија делумно или целосно ги применува откако започна агресивна кампања во Украина во март 2014 година.
Западните аналитичари оценуваат дека Герасимов во својата визија само ја модернизирал доктрината што постоела во последниот период на Советскиот Сојуз, приспособувајќи ја на технолошките промени во светот и актуелната геополитичка положба на Русија. Експертите потсетуваат дека Москва во последните години ја применуваше доктрината Герасимов во војната против Грузија, па дури и против членките на НАТО Литванија, Латвија и Естонија.
Сличност со кинеската теорија
Според Пентагон, доктрината на Герасимов претставува најцелосно олицетворение на најновите достигнувања на руската воена мисла во нов тип на војување бидејќи ја покажува невидената интеграција на Кремљ на сите можности за национално влијание за постигнување стратешки предности. Се вели дека американските воени аналитичари биле најмногу загрижени за фокусот на доктрината Герасимов на искористување на слабите алки на западниот принцип на менаџерско одлучување, заснован на систем на проверки и рамнотежи што повлекува исцрпна анализа на ситуацијата, долга јавна дебата, и обемна координација на напорите од различни агенции. Во американскиот случај, кој исто така важи и за повеќето западни земји и членки на НАТО, тоа би се однесувало на односите меѓу Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана и слично.
Некои експерти посочуваат дека клучните елементи на доктрината на Герасимов покажуваат неверојатна сличност со тезите на кинеската доктрина за „неограничено војување“, објавена во 1999 година, додека Роџер Мекдермот, еден од најпознатите во руската одбрана и безбедносни прашања, изрази мислењето дека хибридното војување е туѓо на теоријата на руската армија.
Политикологот Марк Галеоти отиде најдалеку во своите оценки, тврдејќи дека познатата доктрина на Герасимов, која на Запад се сфаќа како проширена теорија за модерното војување или дури и визија за тотална војна, не постои во реалноста и дека тој самиот ја измислил терминот, како и дека идејата на Герасимов поради грешки во американскиот печат, таа беше погрешно протолкувана како воин, а не како одбранбен стратешки предлог.