„Потребна е голема посветеност и лидерство за да се надминат проблемите и да не се дозволи натамошно нарушување на меѓучовечките односи. Се нафатив да бидам претседател во едно сензитивно време, кое не е само предизвик, туку и храброст“, посочи претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев.
Тој во синоќешното интервју за емисијата Трилинг испрати јасна порака до судиите и членовите на ова тело, доколку некој се обиде да врши влијание врз нив веднаш да го пријават тоа и се обврза дека ќе преземе соодветни мерки пред надлежните институции, а за тоа навремено ќе биде известена и јавноста.
„Судскиот совет е сложен систем на организација, во која мнозинството членови го сочинуваат судии, но има и претставници од редот на истакнати правници предложени од Собранието и од претседателот на државата. Избран сум на 4. мај и од тогаш наваму ја преземам одговорноста за законитоста во функционирањето на Судскиот совет“, вели Георгиев.
Тој истакна дека патот за неговиот избор се отворил и со одлуката на Уставниот суд, кој во март оваа година ја укинал дискриминаторската одредба во Законот, која предвидуваше претседателот и заменикот на Судскиот совет да можат да се изберат само од редот на истакнатите правници.
Георгиев очекува во наредните денови дека на дневен ред ќе се најде и изборот на заменик-претседател на Судскиот совет.
Во своето прво интервју за медиумите побара да се вклучат и инспекциските служби за да се испита законитоста во постапувањето на Советот во изминатиот период и за да се отстранат сите евентуални сомнежи. Како што посочи, се заложува и за поголема транспарентност на ова тело и отвореност на седниците за камерите, а како прв чекор ја најави новата седница што е закажана веќе в понеделник.
На прашањето дали Советот е претворен во експозитура на партиски, политички и бизнис интереси, Георгиев категорично одговори дека – „нити имал, ниту дозволил влијанија, ниту пак, имал понуда за влијанија“.