Новиот француски амбасадор е дипломат со кариера

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Франција во Скопје, Кристоф ле Риголер.

Посакувајќи му на амбасадорот Ле Риголер срдечно добредојде и успешна дипломатска мисија, министерот Муцунски изрази задоволство од досегашниот политички дијалог и изрази уверување дека и во претстојниот период двете држави посветено ќе работат на натамошно динамизирање на секторската соработка и интензивирање на меѓусебната поддршка во различните мултилатерални формати, се вели во соопштението на МНР.

Амбасадорот Ле Риголер истакна дека Француската Република високо го цени нашиот придонес кон стабилноста и просперитетот на целиот регион и останува посветена на натамошниот развој на билатералните односи, врз основа на традиционалното пријателство, меѓусебната доверба и остварените постигнувања во повеќе области.

Ле Риголер е дипломат со долга кариера во француското министерство за надворешни работи. Завршил на познатиот универзитет Sciences Po во Париз. Службувал во амбасадите на Франција во Мексико, Узбекистан и Украина. Потоа во генералниот конзулат на Франција во Солун, а на функцијата во Скопје доаѓа од одделот за Европа до Министерството за надворешни работи.