На Европскиот совет во Брисел познати се новите шефови на главните институции на унијата.
По одржувањето на европските избори, коалицијата предводена од Европската народна партија уште еднаш ја предложи Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија. Таа ќе остане на оваа функција во следните пет години, а судејќи според нејзините неодамнешни изјави, еден од главните приоритети ќе биде проширувањето на Европската унија.
На местото на високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Јосеп Борел, доаѓа премиерот на Естонија Каја Калас. Таа претходно на средбата со поранешниот премиер Димитар Ковачевски истакна дека е силен поддржувач на Македонија и се надева дека тоа ќе биде последниот неопходен чекор кон членството во Европската Унија.
Пред почетокот на Советот, Калас одржа состанок во Брисел со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, на кој истакна дека е неопходна помош за Украина.
„Цената што ја плаќаме за поддршката на Украина, во нејзините напори да го победи рускиот империјализам, е мала во споредба со она што ќе се случи ако Русија се врати. Треба да си ја постават победата како цел“, изјави Каја Калас, премиер на Естонија.
Шарл Мишел, како претседател на Европскиот совет, ќе го наследи поранешниот португалски премиер Антонио Коста. Тој во декември минатата година ја посети Македонија, каде истакна дека Македонија има поддршка за патот на евроинтеграциите во овој, како што додаде, предизвикувачки геополитички контекст.
Покрај промените во Европската унија, НАТО избра и нов генерален секретар. Досега оваа функција ја вршеше Јенс Столтенберг, чиј мандат неколкупати беше продолжен поради војната во Украина, а од 1 октомври на оваа функција ќе биде холандскиот премиер Марк Руте.