Од 12-ти октомври, патувањето во ЕУ нема да биде едноставно како досега и покрај визната либерализација и биометриските патни документи. Идниот месец почнува примената на дигиталниот систем за контрола на границите на ЕУ со системот за влез и излез на сите граници. На сите македонски државјани покрај личните податоци од патната исправа, ќе им бидат земени отисоци од прсти и фотографија од лицето за европската дигитална датотека. Од ЕУ се надеваат со ова ќе се спречи злоупотребата на патувањата и кражбата на идентитетот.
Од системот за влез и излез ќе бидат изземени македонските државјани коишто се жители на некоја земја членка на ЕУ, се во брак со европски државјанин или се дипломати во некоја европска држава. Процесот може да направи метеж на границите кон ЕУ. Сепак, од ЕУ најавуваат можност за однапред регистрирање на податоците преку мобилна апликација или систем за самопослужување.
Откако еднаш ќе ви бидат земени податоци со системот за влез и излез, следниот пат кога ќе влегувате во ЕУ ќе може побрзо да поминете преку системот за самопослужување. Но, со нов пасош повторно мора да оставите податоци во системот. Се прават напори да нема застој за транспортерите кон и од ЕУ. Од крајот на следната година ќе стартува и европскиот систем за информации и авторизација на патување, со кој ќе треба да се најавите со податоци преку интернет, да платите 20 евра за три години и да добиете одобрување пред влезот во ЕУ.