Филип Ф. (35), кој упадна во салата и уби седум лица и рани најмалку 12 други, е поранешен член на таа заедница
Германија е обвиена во црно по крвопролевањето во кое загинаа седуммина, вклучувајќи го и осомничениот напаѓач, во четвртокот навечер.
Според последните официјални информации, вооружен маж убил седум лица во заедница на Јеховини сведоци во Хамбург пред да се застрела.
Во 21:04 часот, полицијата го добила првиот повик за пукање во салата на Јеховините сведоци во областа Алстердорф во северниот дел на Хамбург. Специјалната единица на полицијата во Хамбург (УСЕ) се нашла во близина, поради што можеле брзо да реагираат и да спречат уште поголема трагедија.
Насилникот најпрвин пукал во автомобилот пред зградата, но возачот успеал да побегне и да повика полиција. Потоа почнал да пука во ходникот преку прозорецот на приземјето. Во тој момент 36 луѓе ја слушаа проповедта во салата, а уште 25 учествуваа онлајн.
Во 21:09 часот, кога припадниците на специјалната единица пристигнале на местото на настанот, затекнале неколку тешко повредени лица и неколку мртви. Додека ги евакуирале луѓето, слушнале истрел одозгора, се качиле на првиот кат од салата и пронашле уште едно лице, осомничен напаѓач кој извршил самоубиство.
Жртвите се четворица мажи и две жени на возраст од 33 до 60 години, а меѓу ранетите има и жена која била во 28 недела од бременоста и која го загубила своето дете. Повредени се осум лица, од кои четворица потешко.
Осомничен сторител е Филип Ф. (35), самец кој живеел во Хамбург од 2014 година. Тој е поранешен член на заедницата на Јеховините сведоци, кој на властите не им бил познат како екстремист. Хамбуршкиот весник „Абендблат“ пишува дека осомничениот ја напуштил заедницата пред околу 18 месеци од непозната причина, доброволно, но веројатно не во добри односи.
Понатамошни мерки
Според истражителите, Филип Ф. законски го поседувал оружјето со кое се извршиле убиствата. Дозвола за чување и носење оружје добил во декември минатата година. Впечатлива е големата количина муниција што ја поседувал. Истрагата покажала дека тој испукал девет куршуми од 15 куршуми на местото на злосторството, а со себе имал уште 20 куршуми. Во претресот во неговиот стан биле пронајдени уште 15 рамки и дополнителни 200 парчиња муниција.
Според началникот на полицијата Мартин Мајер, постоела индикација дека 35-годишниот можеби не е способен да носи оружје поради недијагностицирана ментална болест. Имено, полицијата добила анонимно писмо во кое пишувало дека Филип Ф. се лути на верските следбеници, особено на Јеховините сведоци и на својот поранешен работодавец.
Откако добиле анонимен дојава, тие на 7 февруари извршиле ненајавена проверка на оружјето. Освен муницијата надвор од ормарот, полицијата не нашла други причини кои би укажале на потреба од понатамошно постапување. Полицијата се уште ги истражува мотивите на злосторството.
Димензијата на полициската операција станува јасна кога ќе се погледне бројот на полицајци кои таа вечер учествуваа во акцијата во Хамбург. Според шефот на операцијата, Матијас Тресп, во операцијата биле вклучени вкупно 953 полицајци, меѓу кои и 52 федерални полицајци и специјални сили од Шлезвиг-Холштајн.
Филип Ф. се претставувал како консултант на неговите веб-страници. Тој нудел различни консултантски услуги во области од „контрола“ до „теологија“, кои скапо ги наплаќал.
Неговата минимална дневна цена била 250.000 евра Тој израснал во ригорозно евангелско семејство во Кемптен во регионот Алгау, дознава Шпигел. Студирал бизнис администрација, а себеси се опишал како „признат Европеец“.
Сенаторот за внатрешни работи на Хамбург Енди Грот рече дека тоа е „најлошото злосторство во поновата историја на нашиот град“. Германскиот канцелар Олаф Шолц, поранешен градоначалник на Хамбург, го опиша пукањето како „брутален чин на насилство“, а заедницата на Јеховините сведоци во Германија рече дека нејзините членови биле цел на „ужасен напад“.
Јеховините сведоци се христијанско движење основано во САД на крајот на 19 век, кое проповеда ненасилство и е познато по евангелизмот од врата до врата. Заедницата на Јеховините сведоци во Германија брои околу 175.000 луѓе, од кои 3.800 се во Хамбург.