Македонската пејачка Калиопи имаше закажан концерт во салата на „MTS“ во Беград, но пред нејзиниот настап се случи немил настан кога на една жена и се слоши. Салата веднаш била евакуирана, а итната помош се обидела да ја реанимира жената. За жал, обидите да и се спаси животот биле залудни и таа починала.
Според информациите, Калиопи тешко ја прифатила веста за трагедијата, била однесена во полициска станица да даде изјава, а сега повторно проговори за немилиот настан.
„Зборувам во името на сите нас кои тажно и трагично ја доживеавме трагедијата. Ова е најтажниот момент досега во мојата кариера. Голем шок за сите нас. Концертот се уште не беше започнал, чекавме сите да влезат за да се наполни салата и да го славиме животот, а една од нив беше и госпоѓата која почина. Веднаш се симнав кај публиката и сфатив дека имаме тежок случај“, изјавил Калиопи.
„Публиката е неверојатна, сите се молеа да се случи чудо, но за жал, тоа не се случи. Еден живот вреди повеќе од сто концерти. Го одложуваме концертот и наскоро ќе биде објавен новиот датум. Сакам да испратам од името на целиот мој тим сочувство до целото семејство. Госпоѓата е само една година постара од мене, не е од Македонија, а била заедно со нејзината ќерка. Горда сум на нашите луѓе и драгите луѓе кои беа таму беа во салата, сите го напуштија просторот кога тоа беше побарано поради кислород за жената. Жената е мајка на мој обожавател и јас не би го открила нејзиниот идентитет. Кога ќе се случи нешто толку страшно, не знам кому му е гајле за музиката. А наша должност беше да покажеме почит кон семејството. Се надевам дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се повтори“, истакна Калиопи во интервју за соседните медиуми.
Госпоѓата која починала била на концертот со другарките и ќерката, наеднаш изгубила свест и колабирала, поради што веднаш била повикана итна помош.