Во вчерашниот напад на салата на Јеховините сведоци во германскиот град Хамбург загинаа осум лица, а тројца се тешко повредени, соопштија тамошните власти и медиуми.
Тие кажаа дека пукањето го извршил еден вооружен маж кој би можел исто така да биде меѓу загинатите, иако тоа допрва треба да биде официјално потврдено.
Полицијата за денес најави прес-конференција на која треба да соопшти повеќе информации за трагичниот настан.
„Знаеме само дека неколку луѓе беа убиени овде и неколку луѓе се ранети, тие се пренесени во болници“, изјави портпаролот на полицијата Холгер Верен за пукањето во областа Грос Борстел во вториот по големина град во Германија.
Тој кажа и дека нема информации за тежината на повредите со кои се здобиле ранетите во престрелката.
Во објава на социјалната мрежа Твитер во петокот рано наутро, полицијата во Хамбург соопшти дека верува дека има само еден напаѓач и постепено ги повлекува безбедносните сили од областа.
„Продолжуваме со истрагата за мотивот на злосторството“, велат од полицијата.
Портпаролот на полицијата изјави дека полицијата добила пријава за пукање околу 21:15 часот и дека брзо биле на лице место.
Тој кажа дека откако полицајците пристигнале и на приземјето затекнале лица со видливи прострелни рани, слушнале истрел од огнено оружје од горниот кат и таму нашле смртно повредено лице кое најверојатно е напаѓачот. Тој исто така кажа дека полицијата не морала да користи огнено оружје.
Потпаролот соопшти и дека нема индиции дека напаѓачот е во бегство и дека се чини веројатно дека сторителот е или во зградата или меѓу загинатите.
На местото на злосторството во текот на ноќта можеа да се видат форензичари во заштитни бели одела.
Студентката Лаура Бауч, која живее во близина, изјавила за тамошните медиуми дека „го слушнала пукањето околу четири наврати“, објави германската медиумска агенција dpa.
„Имаше неколку истрели од огнено оружје во тие периоди, на секои 20 секунди до една минута“, изјавила таа.
Таа, исто така, кажала дека погледнала низ прозорецот и видела лице кое трча од приземјето кон вториот кат во салата на Јеховините сведоци.
Грегор Мисбах, кој живее во близина на зградата, исто така го слушнал истрелот, по што снимил лице кое влегло во зградата преку прозорецот. Потоа се слушнале истрели од внатре. Лицето што го видел подоцна, очигледно излегло од салата, било видено во дворот, а потоа испукало повеќе истрели внатре.
Мисбах за германската телевизија NonstopNews изјави дека слушнал најмалку 25 истрели. Откако пристигнала полицијата, пет минути подоцна, бил испукан последниот истрел, тврди тој.
Полицијата се уште не знае што се случувало во зградата во моментот на нападот, а не знаат ниту кој би можел да биде мотивот на напаѓачот за ова крвопролевање.
Градоначалникот на Хамбург, Петер Шенчер, на социјалната мрежа Твитер објави дека е „шокиран“ од овој напад и изрази сочувство до семејствата на жртвите.