Нови масакри во Газа: Загинаа 62 Палестинци меѓу кои и бебе

Најмалку десет Палестинци, меѓу кои едно бебе и две деца, загинаа во воздушен напад извршен од израелската армија врз куќа во градот Аз-Заваида во Даир ал Белах во централниот дел на Газа.

Локалните извори јавуваат дека израелската армија бомбардирала куќа опкружена со шатори на раселените Палестинци.

Во нападот загинаа десет Палестинци, меѓу кои едно бебе и две деца.

Телата се префрлени во болницата Шахид ал Акса.

Меѓу труповите донесени во болницата има и тела на две деца завиткани во ќебиња и наредени едно до друго на земја.

Палестинец кој стоел покрај труповите држел безживотно бебе во рацете.

„Што се криви овие луѓе, зошто ги убиваат?“, праша тој.

Палестинците кои дојдоа во болница не можеа да ги задржат солзите кога се збогуваа со своите роднини.

Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 62 Палестинци загинаа, а 138 се повредени во израелските напади во Појасот Газа во изминатите 24 часа. „Израелските окупаторски сили извршија шест нови злосторства врз семејства во Појасот Газа во изминатите 24 часа, што резултираше со убиство на 62 лица, а ранети уште 138“, се вели во соопштението.

Министерство вчера објави дека најмалку 35.647 Палестинци, меѓу кои најмалку 15.103 деца и 9.849 жени, се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври.