Нови правила во Шпанија: Татковците добиваат едно од најдарежливите отсуства во ЕУ

Шпанската влада објави дека родителското отсуство ќе биде продолжено за една недела. И мајките и татковците ќе имаат право на вкупно 17 недели платено отсуство по раѓањето на детето. Ова ја става Шпанија меѓу земјите со најдарежливи системи за родителски надоместоци во Европа, пишува Ројтерс .

Заедно со Финска, таа е единствената членка на Европската Унија што ги става двајцата родители на еднаква основа, со целосно платен одмор, што се смета за важен чекор кон родовата еднаквост.

„Шпанија тргна по патот на феминизмот и еднаквоста и нема враќање назад. Четириесет проценти од мажите сега користат родителско отсуство, а тоа е успех на феминистичките политики“, изјави министерката за труд Јоланда Дијаз.

Дополнителни две недели

Покрај основното отсуство, родителите ќе имаат право на дополнителни две недели платено отсуство, кое можат да го користат во секое време додека детето не наполни осум години.

Мерката е сепак поскромна од изборното ветување на владејачката партија од 2023 година за 20 недели. Предлог-законот сè уште треба да биде одобрен од парламентот. Владата на премиерот Педро Санчез зависи од поддршката на другите партии, а крајно левичарските Подемос бараат уште подолг одмор. Сепак, Дијаз вели дека реакциите од парламентарните групи се во голема мера позитивни.

Некои земји, како што се Хрватска, Ирска и Бугарија, нудат подолго породилно отсуство за мајките. Но, Шпанија е предводник во дарежливите права за татковците, охрабрувајќи го нивното поактивно вклучување во грижата за децата уште од рана возраст.