Нови системи за греење во дел од училиштата во Карбинци

Општина Карбинци ќе аплицира на една од Програмите на Министерството за образование и наука за реконструкција на училиштето во село Таринци. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов истакна дека се подготвени и тие да учествуваат во проектот.

Во тек е изготовка на техничката документација, а ова училиште учениците се уште се греат на дрва.

  • Она што можам да го најавам е дека ќе го аплицираме во една од програмите коишто се објавени во овој момент или се пуштени како огласи во министерствата, така што да почекаме да ги добиеме оние средства коишто ги очекуваме од државата, а кофинансирањето, секако, ќе биде наша обврска во исполнување на тој проект. Се надевам дека успешно ќе го завршиме проектот до почетокот на следната школска година, вели Паунов.

Посочи дека проектот е можност училиштето да добие и променет систем за греење, што се појави и како потреба кога општината се соочи со проблеми при снабдувањето со огревни дрва. Министерството за образование и наука веќе има обезбедени и средства за реконструкција и во училиштето во село Крупиште. Паунов вели дека инвестицијата ќе чини околу 1.600.000 денари.

  • Овој проект за реконструкција е комплетна реконструкција со доградба. Ќе добиеме неколку нови простории, ќе добиеме санитарни простории во рамки на училиштето, а не како досега надвор од училишната зграда. Комплетно проектот опфаќа парно-греење, така што тоа е целосно модерен проект, којшто ќе биде по стандардите како што треба да изгледа едно училиште, рече Паунов.

Посочи дека реконструкција е потребна е и на подрачното училиште во село Радање. Паунов најави и нови спортски и детски игралишта низ населените места во Карбинци.