Традиционалната новогодишна елка е поставена на централниот плоштад Гран Плас во Брисел, каде ќе стои за време на божиќните и новогодишни празници до 7 јануари.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, 22 метри високата елка е од типот „Нордман“ и е стара околу 50 години. Таа растела во дворот на 87-годишната Марија и нејзиниот покоен сопруг Јозеф во местото Лиер кај Антверпен.
– Елката стоеше во дворот на станбена куќа во шармантниот град Лиер во провинцијата Антверпен. Беа потребни пет децении за да порасне во џин каков што е денес. Донирајќи и ја на градот Брисел, сопствениците сега и даваат место кое што и доликува на нејзиниот моќен изглед: да стои на најубавиот плоштад во светот, каде што ќе и се восхитуваат стотици илјади посетители, соопштија бриселските локални власти.
Елката ја „открил“ Пјер Демесмакер од расадникот „Интер Арбо“, кој за весникот „Газет Ван Антверпен“ изјави дека по празниците елката ќе биде исечена и расади од неа ќе бидат посадени во расадникот.
– Таа ќе се прошири на младите елки во нашиот расадник и на тој начин ќе и се врати на природата, истакна Демесмакер.
Елката од денеска, па до понеделник, ќе биде украсена со 140 орнаменти изработени од претставници на 11-те домородни народи на канадската покраина Квебек, кои се почесни гости на божиќниот базар „Зимски чуда“. Меѓу украсите што ќе се најдат на елката ќе бидат осмокраката Ѕвезда на народот Микмак, која е симбол за неговото единство, но и на Сонцето, потоа симболот за човекот на северноамериканските домородни народи „Инукшук“, традиционалните „чевли за одење по снег“, „Ловецот на соништата“ украсен со 50 бели светилки, како и два километри долга низа од ЛЕД светилки.
Свеченоста на палење на светилките ќе се одржи в петок со што официјално ќе започне базарот „Зимски чуда“, со настап на танцови групи на канадските домородни народи. Покрај на Гран Плас во рамки на базарот ќе се организираат манифестации и на други плоштади во Брисел, а ќе бидат поставени и штандови за храна, пијалаци и подароци. Базарот ќе биде отворен секој ден од 12 до 22 часот во периодот од 24 ноември до 31 декември. „Зимски чуда“ минатата година беше прогласен за најдобар божиќен пазар во светот.
Дополнително, како дел од празничната атмосфера, со светилки и украси ќе бидат накитени уште 168 бриселски улици.